Крвави протести во Венецуела

Најмалку седум лица загинаа, а 23 војници се повредени во судирите меѓу безбедносните сили, армијата и демонстрантите

Откако Националната изборна комисија на Венецуела потврди дека Николас Мадуро победил на претседателските избори со 51,2 отсто од гласовите, додека опозиционерот Гонзалес Урутија освоил 44,2 отсто, илјадници луѓе, главно млади луѓе, излегоа на улиците низ земјата за да го изразат своето незадоволство и обвинување на власта за крадење на изборите.

Во судирите меѓу безбедносните сили, војската и демонстрантите загинаа најмалку седум лица, а повредени се 23 војници, пренесува „Мундо“.

Претходно, организацијата која ја следи состојбата во националните болници соопшти дека во судирите меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираа во неколку делови на Венецуела се повредени 44 лица. Најмногу инциденти се регистрирани во државата Арагва. Невладината организација за човекови права Форо Пенал соопшти дека ширум државата се уапсени 46 лица.

Силите лојални на венецуелскиот претседател, како и неговите тврдокорни поддржувачи на „чависта“, вчера одржаа контра митинг во Каракас, но се собраа и низ целата земја за да ја одбранат неговата победа на изборите.

Мадуро ги осуди насилните акти како дел од обидот за државен удар на екстремната десница, која не ги признава изборните резултати. „Сведоци сме на серија настани и повеќе од 100 насилни терористички напади“, рече Мадуро, додавајќи дека предупредил на тоа, пренесува ТВ Телесур.

Тој ги обвини САД дека стојат зад овие настани и дека го користат изборниот процес за да и наштетат на Венецуела. „Грингос стојат зад овој план. Тие беа секогаш таму, пред, за време и по Гваидо“, рече Мадуро.

Како што рече, зад насилството стои фашистичката и криминална група во земјава и додаде дека речиси 90 отсто од уапсените во немирите се наркозависници кои поседуваат оружје. „Тоа се претежно криминални групи кои се обидуваат да ескалираат немири и тоа нема да го дозволиме“, посочи тој, додавајќи дека многу луѓе не се запознаени со таквите планови.

Лидерот на опозицијата Марија Корина Мачадо изјави дека опозицијата има докази дека нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалес Урутија остварил убедлива победа на изборите.

Кинескиот претседател Си Џинпинг вчера му честиташе на Мадуро за неговиот реизбор за претседател на Венецуела. „Откако ја презеде функцијата, претседателот Мадуро ги води владата и народот на Венецуела на патот на развојот на националниот просперитет“, се вели во честитката на кинескиот претседател, пренесува Ксинхуа.

Кси истакна дека Кина и Венецуела се добри пријатели и партнери засновани на принципите на реципроцитет и доверба. „Како и секогаш, Кина цврсто ќе ги поддржи напорите на Венецуела за зачувување на националниот суверенитет, националното достоинство и социјалната стабилност, како и праведната цел да се спротивстави на странското мешање“, рече кинескиот претседател.Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден сепак изрази сомнеж за победата на венецуелскиот претседател и размислува за воведување нови санкции против таа земја, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на изјави на неименувани американски претставници. Вашингтон се сомнева во резултатите од гласањето, кое го прогласи Мадуро за победник, и бара објавување на детално пребројување на гласовите, велат изворите.

Spread the love

Leave a Reply

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial