Фицо и се закани на Украина: Ќе ја прекинеме испораката на дизел

 

 

Словачкиот премиер Роберт Фицо најави дека неговата земја ќе престане да испорачува дизел за Украина доколку Киев не го врати транзитот на руската нафта на Лукоил низ нејзина територија.

Словачка и Унгарија, две земји кои се спротивставија на воената помош на западните сојузници за Украина, го зајакнаа притисокот откако Киев минатиот месец го стави Лукоил на списокот со санкции, запирајќи го протокот на нафтата на компанијата кон словачките и унгарските рафинерии.

„Доколку транзитот на руска сурова нафта низ Украина не биде обновен за кратко време, Словнафт нема да продолжи да испорачува дизел за Украина“, рече Фицо во видео пораката на Фејсбук. Испораките од други руски добавувачи, освен од Лукоил, преку територијата на Украина не се прекинати.

Некои земји се уште зависат од руската нафта

Фицо нагласи дека 10 отсто од дизелот што го консумираат Украинците доаѓа од Словачка. Тој додаде дека на украинскиот премиер Денис Шмихал му предложил техничко решение за повторно воспоставување на запрените текови на нафта.

Тој не прецизираше за каков предлог се работи, но потврди дека ќе треба да се вклучат повеќе земји. „Ги поздравувам извештаите дека релевантните компании веќе размислуваат како да го спроведат ова техничко решение што е можно поскоро“, рече тој.

Спорот покажа колку некои земји од Европската унија се уште се зависни од руската енергија повеќе од две години откако блокот одлучи да го замрзне увозот на нафта од Москва поради руската инвазија на Украина. Унгарија, Словачка и Чешка имаат исклучоци од забраната за увоз на нафта од Русија преку цевководи за да им дадат време да најдат алтернативи.

Spread the love

Leave a Reply

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial