Тајни архиви: Нацистите планирале атомски напад врз СССР во јуни 1945 година, го чекале хороскопот на Хитлер

МОСКВА – Руската служба за безбедност ФСБ објави декласифицирани архивски документи за создавањето на атомската бомба во нацистичка Германија, објавија денеска руските медиуми.

ФСБ објави фотокопии од документи за сослушувањето на поранешниот висок нацистички функционер Вернер Вехтер, кој во 1945 година сведочеше за тоа како нацистите развиваат нови видови оружје, особено атомска бомба, пренесува РИА Новости.

Веќе во 1943 година, Вехтер дознал дека работата за создавање атомска бомба е во тек во Институтот Кајзер Вилхелм во Берлин.

Во исто време, за време на сослушувањето, Вехтер откри дека нацистичка Германија планирала да употреби нуклеарно оружје против Советскиот Сојуз.

Вехтер објасни дека во 1944 година се развивале планови за бомбардирање советски воени центри на Урал, како и индустриски погони во Северна Америка. Раководител на тие проекти беше генералот Дорбергер, одговорен за производство на ракети В-1 и В-2, како и за атомски бомби.

За време на сослушувањето, Вехтер открил и дека од својот пријател Хертел Ханс, уредник на весникот на тајната служба, дознал дека во февруари 1945 година се сретнал со полковникот Херман Хеј.

Хеј водел специјално воздухопловно училиште и открил дека училиштето има авион со најнов дизајн кој може да биде вооружен со атомска бомба.

Како што Хеј му рекол на Хертел, новиот авион бил подготвен да бомбардира индустриски центри во Советскиот Сојуз со атомски бомби, изјавил Вехтел во своето сведочење, пренесува РИА Новости.

Германскиот функционер изјавил дека ова, а подоцна и други сознанија, го доведоа до заклучок дека Министерството за одбрана се подготвува да го нападне Советскиот Сојуз со атомско оружје во јуни 1945 година.

Тој заклучок особено се засили кога министерот за пропаганда Јозеф Гебелс побара да се состави хороскоп за јуни кој ќе ја предвидува судбината на Адолф Хитлер, бидејќи тој месец се сметаше за особено поволен за водачот на Третиот Рајх.

Како што соопшти службата на ФСБ со објавените документи, нехуманите планови на Хитлер за употреба на атомската бомба против Советскиот Сојуз не се оствариле и во мај 1945 година капитулирала нацистичка Германија.

Spread the love

Leave a Reply

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial