Пакистан: Поранешниот премиер Кан предлага преговори со војската
ИСЛАМАБАД – Поранешниот премиер на Пакистан, Имран Кан, кој отслужува едногодишна затворска казна, денеска предложи преговори со армијата на земјата, без да прецизира која ќе биде нивната тема.
Тој на платформата Х сепак изјави дека еден од условите за преговори ќе биде одржување фер и транспарентни избори, како и повлекување на „лажните“ обвинувања против неговите поддржувачи, пренесува Ројтерс. Кан тврди дека обвиненијата против него биле претерани за да го задржат надвор од власта, наведува агенцијата.
Тој додаде дека го назначил својот близок политички сојузник Махмуд Кан Ачакзаи да го претставува во евентуалните преговори. Војската претходно отфрли било какви разговори со Кан. Поранешниот премиер на платформата Х изјави и дека државата е во вонредна состојба иако не е прогласена.
Тој додаде дека повеќе би сакал да преговара со врвот на армијата, кој всушност носи одлуки, отколку со марионетска влада. Реагирајќи на предлогот на Кан, армијата повтори дека не може да разговара со ниту еден лидер или политичка група вклучена во нападите врз сопствената армија.
Воени претставници тврдат дека Кан и неговата партија стојат зад нападите врз воени објекти за време на минатогодишните протести поради неговото апсење. Кан ја обвинува армијата за неговата смена откако парламентот му изгласа недоверба во 2022 година, потсетува Ројтерс.
Кан е во затвор од август минатата година под обвинение за низа кривични дела, од корупција до оддавање државни тајни, што дополнително придонесе за политичка нестабилност во Пакистан, кој се соочува со економска криза, пренесува Танјуг.