Зеленски: На Украина и е потребно оружје од долг дострел што ќе ја принуди Русија да бара мир
Киев – Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави денеска дека за време на преговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, детално разговарал за потребата да и се дозволи на Украина да користи западно оружје со долг дострел за напад на воени објекти на територијата на Русија.
Тој ова го рече во обраќањето пред учесниците на 20-годишниот состанок на Европската стратегија на Јалта.
„Секој кој едноставно на мапа гледа каде Русија удира, каде подготвува сили и чува резерви, каде лоцира воени објекти и каква логистика користи – секој што го гледа сето ова очигледно разбира за што служи употребата на оружје со долг дострел. За ова детално разговарав со Ентони Блинкен и Дејвид Лами, државниот секретар на САД и британскиот министер за надворешни работи, кои неодамна престојуваа во Киев“, изјави Зеленски, пренесе Укринформ.
Тој додаде дека се надева оти по тие разговори нема да има прашања зошто на Украина и треба доволно количество оружје со долг дострел.
„Не е доволно само да се каже дека има решение“, посочи Зеленски и додаде дека „потребни се доволно далекусежни способности кои можат да го променат текот на војната и да ја натераат Русија да бара мир“.
Навистина се надеваме на резултати од нашите партнери“, рече украинскиот претседател.
Тој истакна дека додека Украина ја чека испораката на ветените системи за противвоздушна одбрана, пред се „Патриот“, „Русија продолжува да ја напаѓа Украина, а на рускиот диктатор за тоа не му се потребни никакви дозволи“.