Ердоган ја истакна поддршката на Турција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина
АНКАРА – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска повтори дека Турција го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, истовремено нагласувајќи ја нејзината постојана поддршка за правата на кримските Татари.
„Нашата поддршка за територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина е непоколеблива. Враќањето на Крим на Украина е барање во согласност со меѓународното право“, рече Ердоган во видео порака емитувана на четвртиот самит на лидерите на Кримската платформа, јавува Anadolu Agency.
Според извештаите, Ердоган особено посочил дека Кримските Татари живеат тешко „осум децении“.
„Верувам дека во наредниот период ќе продолжат да се преземаат дополнителни чекори за зајакнување на правата на кримските Татари“, рече Ердоган и повтори дека Турција никогаш не ја признала анексијата на Крим.
Ердоган, исто така, ја повтори желбата на Анкара што поскоро да стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
„Нашата искрена желба е војната да заврши со фер и траен мир заснован на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина“, рече Ердоган.