„Дојдовме до нултиот час“: Фокс Њуз тврди дека Иран би можел да го нападне Израел за помалку од 24 часа
ВАШИНГТОН, ЕРУСАЛИМ – Иран и неговите сојузници на Блискиот Исток би можеле да извршат напад врз Израел во следните 24 часа, изјавија неименувани извори од регионот на Блискиот Исток за Фокс њуз.
„Официјални лица (на Блискиот Исток) веруваат дека стигнавме до нултиот час“, известува дописникот на Фокс њуз.
Иран се закани со голем напад врз Израел како одмазда за убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Техеран минатиот месец, иако Тел Авив ниту негираше, ниту презеде одговорност, објави „Тајмс оф Израел“.
Израел, исто така, се подготвува да му возврати на Хезболах, сојузник на Иран во Либан, за атентатот на главниот командант на терористичката група Фуад Шукр во Бејрут, неколку часа пред да биде убиен Ханије.
Лидерите на Велика Британија, Франција и Германија претходно денеска издадоа заедничка изјава во која повикаа на продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа, нагласувајќи дека не може да има повеќе одложувања, јави Би-Би-Си.
Палестинската милитантна група Хамас претходно соопшти дека секое продолжување на разговорите треба да се заснова на претходни планови, а не на нова рунда преговори, одговарајќи на повикот на меѓународните посредници за средба на завојуваните страни на 15 август.
Посредниците од Катар, Египет и САД ги поканија Израел и Хамас на нов состанок минатата недела, а израелската страна рече дека ќе испрати свој тим преговарачи. Британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го повторија повикот на посредникот за продолжување на преговорите.
Работевме со сите актери за да спречиме ескалација и нема да штедиме напор да ги намалиме тензиите и да најдеме пат кон стабилноста, се наведува во заедничката изјава.
Хамас одговори на притисокот на медијаторот со тоа што повика на план заснован на „визијата“ на американскиот претседател Џозеф Бајден од мај, со кој начелно се согласува преговорите да продолжат од таму каде што застанаа, наместо на некоја нова иницијатива.
„Посредниците треба да му го наметнат ова на окупаторскиот Израел и да не бараат нови предлози и преговори кои ќе ѝ дадат покритие на окупаторската агресија и повеќе време за продолжување на геноцидот врз нашиот народ“, се вели во соопштението на Хамас.
Извори за Би-Би-Си изјавија дека спорните точки се воведувањето нови израелски услови кои бараат да се проверат раселените Палестинци по враќањето во северна Газа, како и прашањето за контрола на таканаречениот коридор Филаделфија, кој претставува тампон зона на границата со Египет.