Градоначалникот на Нагасаки: Нема да ја променам мојата одлука за Израел
НАГАСАКИ – Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, денеска изјави дека нема да ја промени својата одлука во врска со Израел и повтори дека фактот што Израел не бил поканет на церемонијата по повод 79-годишнината од атомското бомбардирање на тој град не е политички мотивиран.
„Ќе истраам на оваа одлука и ќе барам разбирање се додека е потребно“, рече Сузуки, според Kyodo.
Сузуки ги наведе безбедносните причини зад одлуката, вклучително и потенцијалните демонстрации против присуството на Израел поради конфликтот во Газа, и им рече на новинарите дека се надева оти церемонијата ќе се „одржи непречено во свечена атмосфера“, имајќи предвид дека постарите преживеани нападот на атомската бомба во Втората светска војна вложуваат големи напори да присуствуваат на церемонијата, јавува Танјуг.
Канадската амбасада денеска соопшти дека нејзиниот амбасадор Иан Мекеј нема да присуствува на церемонијата, бидејќи Израел не бил поканет. На настанот нема да присуствува и францускиот амбасадор во Јапонија Филип Сетон.
Предвидено е амбасадорите кои го откажаа присуството да бидат претставени од министри и генерални конзули. Сузуки рече дека се надева дека амбасадорите ќе присуствуваат на церемонијата следната година.
Портпаролот на јапонската влада Јошимаса Хајаши одби да коментира за ова прашање во врска со одлуката на Нагасаки, велејќи дека работата е до градот Нагасаки, кој е домаќин на настанот.
Изјавата на градоначалникот Сузуки дојде еден ден откако беше обелоденето дека амбасадорите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Соединетите Американски Држави и Европската Унија испратиле писмо до градот Нагасаки во средината на јули во кое се вели дека ќе биде „ тешко им е да обезбедат присуство на високо ниво“ на настанот доколку Израел биде исклучен.